Путин се огласи во пресрет на средбата со Трамп

Точка

14/08/2025

18:39

735

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин во четврток изјави дека американската влада прави „искрени напори“ за завршување на конфликтот во Украина и посочи дека Москва и Вашингтон би можеле да постигнат договор за контрола на нуклеарното вооружување.

На средбата во Кремљ со највисоките воени и цивилни функционери, Путин најави дека ќе ги информира за фазата во која се наоѓаат преговорите за Украина со САД, како и за билатералните разговори со Киев.

Рускиот лидер истакна дека американската влада „прилично енергично и искрено“ презема чекори за „запирање на борбите, завршување на кризата и постигнување договори во интерес на сите страни вклучени во овој конфликт“.


Путин нагласи дека целта на преговорите меѓу Москва и Вашингтон е создавање „трајни услови за мир меѓу нашите земји, во Европа и во целиот свет“, што ќе се постигне и преку договори во областа на контролата на вооружувањето. Русија и САД располагаат со убедливо најголемите арсенали нуклеарно оружје во светот.

Двајцата претседатели ќе разговараат во петок на Алјаска. И Кремљ и „Белата куќа“ објавија дека ќе се одржат разговори „еден на еден“, потоа со делегациите, а по нив ќе следи и заедничка прес-конференција.