Мејпл, поранешно полициско куче, денес има сосема нова задача – да ги штити медоносните пчели на Државниот универзитет во Мичиген.
Во рамките на "Pollinator Performance Center" (Центар за перформанси на опрашувачи) се развива програма за обука на кучиња кои, благодарение на својот исклучителен мирис, можат да откријат опасна бактериска болест – американска гнилост на леглото, што ги уништува ларвите на пчелите. Бидејќи медоносните пчели опрашуваат голем дел од растенијата од кои зависи човечката исхрана, нивната заштита станува сè поважна.
Мејпл, деветгодишен англиски спрингер шпаниел, некогаш служеше како куче трагач за човечки останки во шерифската канцеларија на округот Сент Џозеф. За време на една мисија во Онтарио се повреди, па во 2024 година замина во пензија. Но, судбината ѝ подготви нова мисија, пишува "AP".
Сопственичката и дресерка, Су Стејскал, која повеќе од 25 години тренира кучиња за полициски и други специјализирани задачи, ја облекува Мејпл во жолт заштитен комбинезон со мрежа преку главата и мали чизми на шепите.
„Како и кај луѓето, ако кучето работи во активен пчеларник, мора да носи соодветна заштитна опрема“, објаснува Стејскал.
Во исто време, професорката на Државниот универзитет во Мичиген, Меган Милбрат, работела на развој на дијагностички алати за пчелни болести. Ветеринарот ја поврзал со Стејскал и така се родила идејата за обука на кучиња за заштита на пчелите.
Целта на универзитетот е да обучи уште кучиња, а обуката на Мејпл се документира детално. Планот е Милбрат и Стејскал да напишат книга со цел да им помогнат на други тимови во иднина.
„Ова е одличен проект, но мене особено ме радува тоа што моето куче ќе има и понатаму радост во животот и можност да го прави она што го сака“, вели Стејскал.