[ВИДЕО] Рекорден топлински бран во Европа – во Италија почина четиригодишно дете

Макфакс

12/08/2025

08:52

410

Големина на фонт

а а а

Во топлинскиот бран кој вчера ја зафати Европа, едно дете почина од топлински удар во Италија, додека шумските пожари закануваа на локалитет на УНЕСКО во Шпанија, а француските градови забележаа рекордни температури.

Во многу градови во Франција, Италија и на југоистокот на Европа беше прогласено црвено предупредување поради топлина. Пожарите разгорени од силни ветрови принудија на евакуација илјадници луѓе ширум континентот и го загрозуваа популарните туристички места во Турција и Шпанија.

Четиригодишно дете од Романија почина во Италија кога беше пронајдено без свест во автомобил на островот Сардинија. Веста стигна со предупредување од италијанското Министерство за здравство за опасноста од високите температури во седум поголеми градови, вклучувајќи ја и Болоња и Фиренца.

Во 11 италијански градови важи црвено предупредување за денес, а во 16 градови за утре. Црвени предупредувања се прогласени и во јужна Франција, како и на јадранскиот и јонскиот брег.

„Топлинскиот бран кој во моментов ги погодува Франција, Шпанија и балканските земји не е изненадување. Причинет е од упорна топлинска купола над Европа“, изјави за „АФП“ Акшај Деорас, научник на метеоролошкиот оддел на Универзитетот во Редин, Велика Британија. „Топлинските бранови не се како невремиња, тивко се приближуваат, но можат да бидат подеднакво смртоносни.“

Пожар што избувна в неделата го оштети рудникот од римско време во Лас Медулас на северозападот на Шпанија, познат по впечатливиот црвен пејзаж и кој е на списокот на светско наследство на УНЕСКО, предизвикувајќи евакуација на стотици жители.

„Високите температури и ветровите до 40 километри на час создадоа големи предизвици за пожарникарите кои се борат со огнот“, изјави Хуан Карлос Суарез-Кинонес, регионален министер за заштита на животната средина на Кастиља и Леон. „Нема да им дозволиме на луѓето да се вратат додека безбедноста во нивните заедници не биде целосно загарантирана“, рече тој на прес-конференција, проценувајќи дека околу 700 луѓе ги напуштиле своите домови.

Шпанија минатата недела беше погодена од топлински бран со температури кои во многу области се приближуваа до 40°C, што предизвика шумски пожари. Во јужниот туристички град Тарифа беа евакуирани повеќе од 2000 луѓе, дел од нив од хотели и плажи, откако пожарот што беше изгаснат во петокот се разгоре повторно, а повеќе од 100 пожарникари се бореа со пламенот.

Во соседна Португалија пожарникарите се борат со три големи шумски пожари во централниот и северниот дел на земјата, додека Мароко испрати два авиони за помош во гаснењето, откако два португалски авиони се расипаа. Во Италија околу 190 пожарникари и војска се борат со пожар на Везув кој доведе до затворање на националниот парк за туристи.

Луѓе беа евакуирани од десетици домови на југоистокот на Европа додека пожарникарите се борат со пожари во Албанија, Црна Гора и Хрватска, каде што се прогласени црвени предупредувања. Во Албанија, стотици пожарникари и војници го изгаснаа поголемиот дел од скоро 40 пожари кои избувнаа во последните 24 часа, според Министерството за одбрана, но повеќе од десет се’ уште се активни.

Од почетокот на јули, речиси 34.000 хектари изгореле низ земјата, според Европскиот информациски систем за шумски пожари (EFFIS). Полицијата тврди дека многу пожари се подметнати, а во последните недели уапсени се повеќе од 20 лица.

Во близина на главниот град на соседна Црна Гора, каде температурите се искачија до 40°C, тимовите на пожарникари успеаја да спасат десетици домови кога вчера изби пожар на непристапен терен. Во Хрватска пожарникарите ги бранеа домовите од пожарите близу Сплит.

Во северозападната турска провинција Чанаккале евакуирани се повеќе од 2000 луѓе, а 77 лица добија болничка помош поради вдишување на чад, откако избувнаа неколку пожари околу туристичкото место Гузелијали, соопштија властите.

Неколку куќи и автомобили се запалија, според снимки објавени во турските медиуми, додека повеќе од 760 пожарникари, 10 авиони, девет хеликоптери и повеќе од 200 возила се распоредени во борбата против пожарите.

Температурни рекорди беа соборени на најмалку четири метеоролошки станици во јужна Франција, а владата повика на внимателност. Во градот Бордо на југозападот е забележана рекордна температура од 41,6°C, додека рекорди се соборени и на метеоролошките станици во Берже, Конјак и Сен-Жирон, според националната метеоролошка служба Метео Франс.

Овој топлински бран, втор по ред ова лето во земјата, започна в петок и се предвидува да трае до 19-ти или 20-ти август. Вчера 12 француски департмани беа под црвено предупредување, што е највисоко ниво на предупредување поради топлина во земјата, а денес се очекува тоа да важи за уште четири департмани.