Првата аудиција на Педро Паскал: Како Едвар Нортон ја „украл“ животната улога на чилеанскиот актер

Точка

11/08/2025

21:21

1.660

Големина на фонт

а а а

Откако се пробил со улогата во серијата „Game of Thrones“, Педро Паскал стана миленик на публиката и една од најомилените холивудски ѕвезди, а неговата кариера вртоглаво расте. Сепак, неговата прва голема аудиција ја вивнала кариерата на една друга ѕвезда, пишува „Far Out Magazine“.

До успехот не дошло брзо. Патот на Паскал служи како инспирација за младите актери, бидејќи покажува како со години се борел за да ги оствари своите соништа. Филмската индустрија е позната како една од најтешките за влез, и покрај тоа што дипломирал на престижниот „Tisch School of the Arts“ во 1997 година, Паскал долго време комбинирал хонорарни работи со помали улоги, надевајќи се на големата прилика.


Иако доби неколку помали улоги во серии како „Buffy the Vampire Slayer“, филмскиот свет му остана недостапен сè до 2011 година и филмот „The Adjustment Bureau“. За среќа на Паскал, токму телевизијата на крајот му овозможи да стане една од најголемите ѕвезди. По Game of Thrones следеше главната улога во пофалената серија „Narcos“, а потоа и глобалните феномени „The Mandalorian“ и „The Last of Us“.

Улогата која го прославила Едвард Нортон

Многу пред да стане светски познат, Паскал бил на аудиција за улога што подоцна ќе биде номинирана за „Оскар“. За жал, не ја добил тој, туку Едвард Нортон. Потсетувајќи се на тоа искуство во разговор за „Interview Magazine“ со својата блиска пријателка Сара Полсон, Паскал рекол дека се сеќава совршено.


„По тоа ќе се види колку сум стар“, се пошегувал. „Мојата прва аудиција беше за „Primal Fear“. Го знаеш тој филм? Со Едвард Нортон.“

Тој филм бил долгометражно деби на Нортон, кој веднаш бил лансиран меѓу ѕвездите. Улогите во „The People vs. Larry Flynt“, „American History X“ и „Fight Club“ следеле недолго потоа. Во меѓувреме, Паскал едвај преживувал работејќи како келнер.

„Не бев на нивото на задачата“, признал Паскал. „Бев на аудиција за тоа во Њујорк, а потоа отидов во ЛА поради тоа. Не ја добив улогата и бев невработен околу десет години.“

Улогата во „Primal Fear“ му донела на Нортон номинација за „Оскар“ за најдобар спореден актер, иако наградата на крајот ја освоил Куба Гудинг Јуниор за „Jerry Maguire“. Паскал можеби ја пропушти шансата за експлозивен успех, но неговата упорност на крај се исплатела, а денес се чини како омилениот актер да се појавува на секој чекор.