Германија: Татко ја убил партнерката, па влегол во автомобилот со децата и предизвикал страшна несреќа, бебето починало

Макфакс

11/08/2025

16:44

437

Големина на фонт

а а а

Страшно злосторство ја потресе германската покраина Баден-Виртемберг. Во неделата навечер, околу 20:00 часот, во градот Валдахтал се случил крвав семеен конфликт кој завршил со тројна трагедија.

Според „Билд“, за време на жестока расправија во станот, 37-годишен маж ја убил својата 34-годишна партнерка „користејќи остро оружје“. После тоа, седнал зад воланот на автомобилот во кој биле и нивните деца – тримесечно бебе и 22-месечно момче, објавува „Хојте“.

Истражителите се сомневаат дека мажот намерно го возел својот автомобил во спротивната лента, каде што се судрил челно со Фолксваген управуван од 29-годишна жена. Тој и бебето починале на самото место од повредите. Двегодишното дете и возачот на Фолксвагенот се тешко повредени и итно префрлени во болница, но нивните животи се надвор од опасност.

Двете возила се запленети, а патот каде што се случила несреќата бил затворен неколку часа. Истрагата е започната истата вечер, а во работата е вклучена и судска медицина од Тибинген за да се утврди точната причина за смртта на жената.

Обвинителството и полицијата наведуваат дека мотивот за овој крвав чин сè уште е непознат.