Претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски, на прес-конференција изјави дека повеќекратните контролни надзори не откриле неправилности во работењето на Комората.
Тој ги демантираше тврдењата дека Комората не постапила по насоките од министерот и најави консултации со поранешни претседатели за да го слушнат и нивното мислење.
„Од она што го знаеме досега, се работи за некои ‘незаконски’ постапки на Комората од 2016 година, па дури и порано, односно од 2006 година. Ќе се направи средба со Лекарската комора зошто ако кај нас, во стоматологија, „незаконска“ едукација вршеле околу 15, како што беа наречени, нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора, во системот на Континуирана медицинска едукација учествуваат или учествувале над 80 такви здруженија – меѓу кои доминираат членки на Македонско лекарско друштво“ додаде Денковски.
Најави дека ќе се бара јавно извинување доколку се докаже отсуство на финансиски или други криминали.
Министерството за здравство одговори дека одлуката за преземање на лиценцирањето е донесена врз основа на подолготрајна анализа и извештаи од две формирани комисии кои утврдиле неправилности и недостатоци во работењето на Комората.
„Потенцираме дека по извршениот надзор на првата комисија, формирана во 2024 година воопшто не е постапено по препораките, односно во целост се неточни тврдењата дека комисиите ‘немаат утврдени неправилности во кој било сегмент од работењето во Комората’, додека втората комисија веќе дава јасни насоки до МЗ за утврдените неправилности, недостатоци и предлог за дејствија што треба да се преземат“, велат од Министерството.
Министерството нагласи по одлука на Уставниот суд и на основа на фактичките наоди, министерот донел одлука да ги преземе надлежностите за лиценцирање сè додека не се воспостави законит, транспарентен и професионален систем.
Министерството за здравство одлуката ја соопшти во саботата. Тогаш, министерот Алиу информираше дека надзорот на документите на Стоматолошката комора покажале сериозни пропусти, односно едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците. Информираше дека има и сомнеж за финансиска злоупотреба.