Врз основа на официјалниот одговор добиен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Инжинери на Република Македонија (ИНРМ) изработи урнек за поднесување на претставка до Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, кој може да го користи секој граѓанин што смета дека му е повредено правото на визуелен пристап до сопствениот струјомер.
Министерството потврди дека токму Државниот инспекторат за енергетика е надлежен за спроведување инспекциски надзор во случаите кога операторот на електродистрибутивниот систем (ЕВН Македонија АД) не овозможува пристап до мерниот уред, што претставува повреда на член 164 став (1) точка 19 од Законот за енергетика. Истовремено, овој прекршок е санкциониран со глоба од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност согласно член 286 од истиот закон.
Со цел да се олесни поднесувањето на пријави од страна на граѓаните, ИНРМ изработи шаблон што секој засегнат корисник може слободно да го преземе, пополни и достави по електронски пат или редовно по пошта.
Претставката е достапна на следните линкови:
🔗 ИНРМ веб-страница (преземање на документи):
https://www.inzenerinarm.com/prevzemanje-dokumenti
🔗 Facebook група на ИНРМ каде е објавен документот:
https://www.facebook.com/share/p/16P8CmATVr/
Ги повикуваат сите граѓани на кои не им е овозможен директен увид во бројките на сопствениот мерен уред, да го искористат правото на пријавување, со цел да се заштитат како потрошувачи.