ВМРО-ДПМНЕ: Владата активно презема мерки за поддршка на стопанството и за отворање на нови работни места

Макфакс

05/08/2025

13:33

94

Големина на фонт

а а а

Владата активно презема мерки за поддршка на стопанството и за отворање на нови работни места, 40 милиони евра за самовработување и 250 милиони за компаниите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од СДСМ дека бројот на вработени од лани паднал за 17.000.

„Очајниот и безидеен СДС бара сламка на која може да се фати само за медиумско внимание.

Неговата безидејност оди до таму што, дури и во пресрет на изборен циклус, нема ниту визија, ниту политики и проекти со кои би ја барал довербата на граѓаните.

Затоа сега, како сламка за медиумско појавување сака да им послужат податоците на Фондот за ПИОМ.

СДС добро знае дека работниот однос е оној врз чија основа се воспоставува приемот во пензиското и инвалидското осигурување и дека фондот не прави анализи за причините поради кои има движење на бројот на активни осигуреници кои се во работен однос или истиот го прекинале.

Исто така, бројот на активните осигуреници е категорија која секојдневно се менува, од проста причина што секојдневно има нови засновувања на работни односи, но и прекини.

Во однос на тоа што СДС вика дека нема стратегија за вработување и отворање нови работни места, ги потсетуваме дека е Владата донесе Оперативен план за вработување 2025 во вредност од 40 милиони евра, за отворање на 16.000 нови работни места.

До сега беа објавени два јавни повици од Оперативниот план кој вклучува низа мерки за поддршка на младинското вработување, самовработување, обуки и практиканство и на кои аплицирале над седум илјади лица.

Исто така, поддршка има и за приватниот сектор, така што на располагање на македонските компании беа ставени 250 милиони евра со ниска каматна стапка.

Ова е за делот со фактите кои СДС не може да ги побие и игнорира, додека пак во однос на периодот на кој се повикува, односно 2024 година, ги потсетуваме дека пола година СДС беше власт.

Така да ако не им се допаѓаат бројките од ПИОМ, тогаш нека си погледнат како работеле и што направиле за македонската економија и граѓани за таа пола година власт“, се наведува во реакцијата.