Двегодишно девојче најдено живо во куфер во автобус на Нов Зеланд

Макфакс

04/08/2025

12:19

317

Големина на фонт

а а а

Двегодишно девојче е пронајдено живо во куфер што се наоѓал во багажниот простор на автобус на Нов Зеланд, пренесува „Скај њуз“. Според полицијата, детето било во прегреана состојба при пронаоѓањето, но немало видливи повреди.

Инцидентот се случил во неделата за време на застанување во местото Каивaка, околу сто километри северно од Окленд. Возачот на автобусот забележал движење во куферот откако една патничка побарала пристап до багажниот простор. Кога го отворил сомнителниот куфер, следувал шок – внатре се наоѓало девојчето.

Главниот детектив, Сајмон Харисон изјави дека девојчето било „многу загреано, но физички изгледало неповредено“. Веднаш било пренесено во болница, каде било задржано за детални прегледи.

Полицијата уапсила 27-годишна жена, чиј идентитет не е објавен, под сомнение за занемарување и злоупотреба на дете. Не е соопштено колку долго девојчето било во куферот, ниту на која делница се движел автобусот.

Жената треба да се појави пред суд во понеделник, а случајот е пријавен и до надлежните служби за заштита на деца.

Компанијата Entrada Travel Group, која управува со националната автобуска линија InterCity, потврди дека инцидентот се случил во еден од нивните автобуси. „Полицијата беше повикана да реагира и го истражува случајот. Никој не беше повреден за време на инцидентот“, се наведува во соопштението на компанијата.

За среќниот исход заслуга има возачот на автобусот, кој доби пофалби од детективот Харисон, кој истакна дека „забележал дека нешто не е во ред и веднаш презел мерки, спречувајќи многу полоша завршница“.