Дваесетгодишна Бразилка е пронајдена мртва за време на автобуско патување. Нејзиниот идентитет не е објавен додека трае истрагата.
Локалните власти добиле дојава пред пет дена за девојка која се почувствувала лошо во автобус кој патувал кон Сао Паоло. Возилото претходно се запрело кај ресторан во централниот регион Парана, Бразил. Девојката тешко дишела и доживеала срцев застој. И покрај обидите на итните служби кои се обидувале да ја реанимираат 45 минути, жената починала на лице место – во автобусот.
При прегледот, полицијата пронашла десетици мобилни телефони од брендот „Ајфон’, залепени на нејзиното тело. Обдукцијата открила дека на нејзиното тело биле прицврстени 26 телефони, а во нејзиниот багаж биле пронајдени уште мобилни уреди и алкохолни пијалаци. Властите се сомневаат дека таа самостојно се обидела да прошверцува стоки на пат до Сао Паоло.
Според „Мирор“, истражителите изјавиле дека предметите најдени на нејзиното тело и во торбите ја поддржуваат теоријата за нелегална трговија. Телото е пренесено во Институтот за судска медицина, а сите пронајдени телефони и други предмети се запленети.
Истрагата сè уште трае, а форензичкиот извештај треба да го потврди точниот причинител на тешкото дишење што довело до срцев застој. Лекарите претпоставуваат дека таа добила напад и не можела да дише, што довело до престанок на работата на срцето.
Полицијата потврди дека кај девојката не биле пронајдени дроги.