Повеќе од 60 пожарникари од Словенија со 18 возила утрово пристигнаа преку граничниот премин „Табановце“.
Тие се приклучија на македонските и чешките тимови во борбата против шумските пожари кои беснеат низ земјава.
Според последните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 28 пожари на отворен простор, од кои три сè уште се активни, пет се ставени под контрола, а дваесет се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во планинските предели кај Нивичино, како и на потегот помеѓу неколку села во Прилепско и Кавадаречко. Во Прилепско, интервенцијата е отежната поради детонации во близина на пожарот, поради што на тој дел не се интервенира, соопшти утрово ЦУК.