Состојбата со пожарите е под контрола, ангажирани се Армијата и полицијата, вели Мицкоски

Макфакс

28/07/2025

14:07

157

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со состојбата со пожарите и тоа како државата се справува со ситуацијата, изјави дека е повикан ЕУ-механизмот за помош, но мобилизирани се сите капацитети во Македонија за справување со пожарите и состојбите сега се под контрола.

„Имаме од 30, па и повеќе пожари секој ден. Вчера беа над 50 пожари. Најголемиот дел од нив постојат основани сомневања дека се подметнати или, пак, од негрижа се имаат случено. До сега можам да кажам дека во јули месец ја држиме работата целосно под контрола. Во функција се сите оперативни летала коишто ги има Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата. Во функција се и оние возила, специјални возила, условно да кажам, коишто ги подготвивме, бидејќи знаевме што нè очекува ова лето. Го активиравме и европскиот механизам, мислам активиран е уште од пред неколку дена“, посочи Мицкоски.

Огнена стихија има насекаде во Европа, рече премиерот, потенцирајќи за медитеранскиот дел.

„Но имајте предвид дека ваков тип на огнена стихија има насекаде во Европа, зборувам во медитеранскиот дел. Во Грција има жртви, огромни пожари, цели населби се зафатени, Во Турција исто така има жртви и повредени, цели населби, цели градови. Албанија, Косово, Босна, Хрватска, Србија, до пред некој ден знам дека имаше околу 240 на ден. Шпанија, Италија, Кипар исто така. Така што, во овој момент нема слободни воздухоплови коишто би биле дел од тој ЕУ-механизам којшто би помогнал. Во моментот, повеќе од 200 припадници на Армијата се на терен. Полициските службеници, практично полицајците, ги возат оние специјалните возила, „БТР“, „Пинцгауери“ и „Хермелини“. Така што се организираме, работата е под контрола. Ќе се случува цело лето, ќе има и во август месец. Во овој момент немаме некаде огнена стихија којашто е надвор од контрола“, објасни тој.