На денешната седница на собраниската комисија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги одбија сите амандмани поднесени од страна на СДСМ на измените на скандалозниот Закон за полиција и Закон за внатрешни работи, изјави пратеникот од СДСМ, Миле Талески.
Со ова, додаде тој, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не само што гласаа за партизација на полицијата, туку станаа соучесници врз растирањето на најважниот дел од безбедниот систем, полицијата и Министерството за внатрешни работи.
„Ударот што врз полицијата и професионалците во полиција го спрема Тошковски е удар и врз безбедноста на граѓаните и врз демократскиот поредок на земјата. Амандманите на СДСМ се однесуваа на задржување на кариерниот систем, професионалноста и институционалниот интегрирет на полициската униформа. Затоа што намерата на Тошковски е целосна демонтажа на функционалната структура на полицијата и создавање партиска милиција под негова контрола. Баравме соодветна класификација на работните места во МВР, за да српечиме хаотично и селективно вработување само по партиски клуч. Баравме задржување на регионалните гранични центри за да ја сочуваме безбедноста на границите и да не дозволиме мигранти во иднина“, рече Талески.
Тој обвини дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го следеле партискиот интерес наместо интересот на граѓаните и на државата.
„Забораваат дека на овој начин стануваат и тие заложници и идни жртви на Тошковски по рецептот на Никола Груевски. Како во времето на Груевски, и сега се воспоставува систем на контрола, притисок и уцени. Никој нема да биде поштеден – секој што нема да слуша ќе биде таргетиран“, рече Талески и додаде дека ова е директен удар врз професионализмот и деполитизацијата на полицијата.
Тој ги повика сите слободоумни граѓани, невладини организации, меѓународни претставници да го кренат својот глас против создавањето партиска милиција, против ова, како што рече, рушење на еден од столбовите на демократијата.