Уставен оформи предмет за вториот протокол меѓу Македонија и Бугарија

Макфакс

13/08/2025

15:02

270

Големина на фонт

а а а

Уставниот суд оформи предмет по иницијатива на Лилјана Поповска, со која се оспорува Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, потпишан на 17 јули 2022 година во Софија.

Судот соопшти дека е во тек претходна постапка за прибирање на податоците и известувањата потребни за донесување одлука.

Во иницијативата се наведува дека Протоколот е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 1, 2 и 11 од Уставот, како и со повеќе одредби од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, бидејќи не бил ратификуван во Собранието, ниту објавен во уставниот рок во „Службен весник“. Се додава и дека документот има несоодветна форма и содржина, излегува надвор од рамките на правен акт и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

Подносителката бара поништување на Протоколот, повикувајќи се и на Виенската конвенција за договорното право, со образложение дека е спротивен на императивните норми на меѓународното право. Таа истакнува дека во Македонија процедурата била нетранспарентна, за разлика од Бугарија, каде парламентот расправал за текстот пред неговото потпишување.

Протоколот беше потпишан од страна на тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка Теодора Генчовска во Софија. Османи го презентираше објаснувајќи дека е реципрочен. Генчовска изјави дека Бугарија и натаму не го признава македонскиот јазик.