Средба на лидерите на двете најголеми економии во Европа: имаат различни ставови за одговорот на царините на Трамп

Макфакс

23/07/2025

10:00

192

Големина на фонт

а а а

Соочувајќи се со претстојниот рок за воведување царини за европскиот извоз во САД, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц се среќаваат во Берлин на работна вечера на која ќе разговараат и за прашања поврзани со енергијата и одбраната.

Иако Франција и Германија бараат Европската комисија да спроведе трговски разговори со владата на Доналд Трамп во име на 27-те земји-членки, францускиот претседател и германскиот канцелар имаат намера да влијаат врз стратегијата на ЕУ, објавува АФП.

Средбата на лидерите на двете најголеми економии во Европа, според Елисејската палата, го илустрира „оживувањето на француско-германските односи“ поврзано со доаѓањето на конзервативниот Фридрих Мерц како канцелар.

Ова е прво патување на француски шеф на држава во Берлин откако беше инаугуриран Мерц, кој отпатува во Париз на почетокот на мај, денот откако ја презеде функцијата.

Средбата во среда во Берлин има за цел да ги финализира и подготовките за француско-германскиот министерски совет закажан за крајот на август во Франција. Сепак, овој интензивен билатерален дијалог не ги избриша сите несогласувања.

Различни пристапи кон преговорите со САД

Соочен со непопустливоста на Вашингтон, кој ѝ се заканува на ЕУ со дополнителни 30 проценти царини од 1 август, Париз се залага за „цврст став“ од Брисел. Овој став го потврди и францускиот министер за индустрија Марк Ферачи, кој се сретна со својот германски колега во Берлин во понеделникот.

Германија, од друга страна, се залага за „прагматичен“ пристап, нудејќи концесии за зачувување на клучните сектори од својата извозна индустрија каде што САД се нејзин најголем клиент.

Сепак, и француската и германската влада велат дека ги поддржуваат одмаздничките мерки подготвени од Комисијата во случај на неуспех во постигнувањето договор со Вашингтон.

Енергетска политика и одбрана

Париз и Берлин, исто така, не ги решија сите свои разлики околу енергетската политика, што е долгогодишен проблем, иако има знаци на зближување. Франција инсистира на концептот на „технолошка неутралност“, така што нуклеарната енергија се третира слично како обновливите извори на енергија во европското законодавство.

Класификацијата на нуклеарната енергија како „зелена“ енергија на ниво на ЕУ беше главна точка на несогласување меѓу Французите и Германците во минатото.

И додека Париз и Берлин сакаат да бидат движечката сила зад повторното вооружување на Европа за да се спротивстави на американското повлекување и руската закана, заедничкиот развој на Future Combat Aircraft (FCA), водечки проект за одбраната на континентот, е во застој. Министрите за одбрана на двете земји треба да се сретнат во Германија во четврток, каде што би можеле да разговараат за ова прашање.

Германскиот канцелар продолжува да се стреми да го зајакне влијанието на Германија на меѓународната сцена и се потпира на зајакнување на односите со Париз и Лондон, кои ги посети во јули за да ги унапреди заедничките иницијативи за безбедноста и имиграцијата.