ЕУ и Трамп се многу блиску до договор за царините, тврдат дипломати

Макфакс

23/07/2025

19:43

316

Големина на фонт

а а а

Европската унија и САД се на добар пат да постигнат договор со кој царините за поголем дел од производите би се фиксирале на 15 отсто, пренесуваат „Блумберг“ и „Ројтерс“, повикувајќи се на дипломати запознаени со текот на преговорите.

Според истите извори, земјите членки на ЕУ се подготвени да прифатат 15 проценти царина, а европските претставници се залагаат договорот да ги опфати и клучните сектори, како автомобилската индустрија. Еден од дипломатите додал дека увозот на челик и алуминиум над одредени квоти сепак ќе остане подложен на висока царина од 50 проценти.

Иако во Брисел преовладува претпазлив оптимизам дека е можно да се постигне договор, дипломатите предупредуваат дека конечната одлука ја носи американскиот претседател Доналд Трамп, чии одлуки често се тешко предвидливи.

Иако се вели дека страните се блиску до договор, еден претставник на американската администрација предупредил дека преговорите и натаму се променливи и дека договор сè уште не е на повидок.

Двете страни ги засилија преговорите последниве недели со цел да избегнат целосна трговска војна, предизвикана од низата царини кои Трамп ги воведе кон партнери ширум светот. Преговарачите од ЕУ и САД биле блиску до договор пред две недели, но разговорите се закочиле откако Трамп се заканил со 30 отсто царина за поголем дел од европските производи доколку не се постигне договор до 1 август.

Доколку не се постигне договор до тогаш и Трамп ја реализира својата закана, ЕУ подготвува соодветен одговор.

Во случај на неуспех, Европската унија планира да воведе царини на американски производи во вредност од околу 100 милијарди евра (приближно 118 милијарди долари), со стапки кои би одговарале на најавените 30% од страна на Трамп.