Трамп се сретна со Безос во Белата куќа, разговараа повеќе од еден час

Макфакс

23/07/2025

08:17

294

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со основачот на Амазон, Џеф Безос, во Белата куќа минатата недела, дознава Си-ен-би-си.

Средбата меѓу Трамп и Безос, еден од најбогатите луѓе во светот, траела повеќе од еден час, според две лица запознаени со настанот, кои зборувале под услов да останат анонимни бидејќи разговорот се одржал зад затворени врати.

Амазон не коментирал за средбата. Портпаролот на Џеф Безос не одговорил веднаш на барањето за коментар.

Точната содржина и времето на средбата се непознати.

Според информациите што ги следи програмерот Џек Свини – познат по следењето на приватните летови во сопственост на Илон Маск, Бил Гејтс и други – приватниот авион „Галфстрим Г700“ поврзан со Безос слета во Далес, Вирџинија, во близина на Вашингтон, на 14 јули, а полета следниот ден.

Безос, кој покрај Амазон е сопственик и на вселенската компанија „Блу Ориџин“, се зближи со Трамп за време на неговиот втор мандат. За време на неговиот прв мандат, Трамп често го напаѓаше Безос, особено поради неговото сопствеништво на „Вашингтон пост“.

Безос се појави на сцената со мноштво технолошки директори на инаугурацијата на Трамп во јануари, откако донираше 1 милион долари во инаугуративниот фонд.

Администрацијата на Трамп го пофали Безос за неговата одлука да ги реорганизира уредничките страници на „Вашингтон пост“ за да се нагласат „личните слободи и слободните пазари“.

Во април, Трамп го нарече Безос, кој се повлече од функцијата извршен директор на Амазон во 2021 година, „одличен човек“ и „добар човек“, откако милијардерот го увери дека Амазон нема планови да прикажува дополнителни трошоци поврзани со царините на своите страници.

Во последно време, Безос наводно се обидува да профитира од драматичниот прекин на односите меѓу Трамп и Илон Маск, кој потроши повеќе од 250 милиони долари за да му помогне на Трамп да освои втор мандат и водеше проект за драстично намалување на владините трошоци во Одделот за административна ефикасност.