Крипто гигант преку ноќ остана без 44 милиони долари: Корисниците во шок, компанијата тврди дека „сè е во ред“

Точка

22/07/2025

20:59

907

Големина на фонт

а а а

Најголемата крипто берза во Индија, „CoinDCX“, објави дека за време на викендот дошло до безбедносен инцидент во кој бил компромитиран внатрешен оперативен налог користен за ликвидност на партнерска берза. Хакерите успеале да пренесат средства во вредност од 44,2 милиони долари, користејќи рута преку мрежните мостови „Solana-Ethereum“, каде што средствата на крајот биле конвертирани во 4.443 „Ethereum“ и 155.830 „Solana“ — и оттогаш остануваат неактивни.

Компанијата нагласува дека средствата на корисниците не биле загрозени, бидејќи оперативните профили се физички одвоени од корисничките паричници. Извршниот директор и ко-основач Сумит Гупта изјави дека загубата ја покриваат со сопствени средства, без влијание врз депозитите на корисниците.

„CoinDCX“, која има повеќе од 16 милиони корисници и е регистрирана кај индиската агенција „Financial Intelligence Unit“, соработува со тимот на „CERT-In“ и други берзи за да ги открие и евентуално да ги поврати украдените средства.


Берзата нуди награда за помош во враќањето на средствата

Во обид да ја поврати изгубената доверба и средствата, „CoinDCX“ започна програма „Recovery Bounty“, со која нуди до 25% од вратените средства како награда за оние што ќе помогнат во идентификувањето и враќањето на криптовалутата.

„Иако средствата на корисниците се безбедни, знаеме дека ваквите ситуации се вознемирувачки. Повеќе од самиот поврат на парите, важно е да ги идентификуваме сторителите за вакви работи да не се случуваат повеќе – ниту на нас, ниту на било кого во индустријата“, порача Гупта.


Инцидентот се случува точно една година по сличен случај на друга индиска берза, „WazirX“, каде што биле изгубени 230 милиони долари, што претставувало речиси половина од нивните резерви. Засега нема докази дека инцидентите се поврзани, но загриженоста за безбедноста на крипто берзите во Индија станува сè поизразена.