Соединетите Американски Држави ќе се повлечат од културната и образовна агенција на Обединетите нации – УНЕСКО, додека актуелниот претседател Доналд Трамп продолжува со повлекување на земјата од други меѓународни институции кои долго време ги критикувал, изјавиле двајца европски дипломати.
Белата куќа веднаш не одговорила на барањето за коментар на Ројтерс за овој потег.
Ова претставува удар за агенцијата со седиште во Париз, основана по Втората светска војна за промовирање на мир преку меѓународна соработка во областа на образованието, науката и културата. И „Њујорк Пост“ објави за повлекувањето на САД од УНЕСКО, повикувајќи се на информации добиени од функционери на Белата куќа.
Трамп презеде слични чекори и за време на неговиот прв мандат. Тогаш САД исто така се повлекоа од Светската здравствена организација, Советот за човекови права при ОН, глобалниот договор за климатски промени и иранскиот нуклеарен договор.
Одлуките што ги донесе Трамп беа поништени од неговиот претходник Џо Бајден, кој ја презеде функцијата во 2021 година, со што САД повторно станаа членки на УНЕСКО, СЗО и климатскиот договор. Но со враќањето на Трамп во Белата куќа, САД повторно се повлекуваат од овие меѓународни агенции и тела.
Претходно Трамп одлучи да ги повлече САД и од СЗО и да го прекине финансирањето на палестинската хуманитарна агенција УНРВА, како дел од ревизијата на учеството на САД во агенциите на ОН, која треба да заврши во август.
УНЕСКО е најпозната по прогласувањето на места со културно или природно светско наследство.
САД ѝ се приклучија на оваа меѓународна агенција веднаш во 1945 година кога таа беше основана, но првпат се повлекоа во 1984 година во знак на протест против наводно лошо финансиско управување и антиамерикански потези. Се вратија речиси 20 години подоцна, во 2003 година, за време на мандатот на претседателот Џорџ В. Буш, кој тогаш изјави дека агенцијата спровела потребни реформи.
САД моментално обезбедуваат околу 8 проценти од вкупниот буџет на УНЕСКО, во споредба со околу 20 проценти кога Трамп првпат ги повлече САД од агенцијата.