До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС, кажа денеска на прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Лефков истакна дека „според тие сознанија, постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои се единствена брана за македонските интереси“.
„Информациите говорат дека одредени кругови во СДС и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови, а до цел оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв. Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС. Како поткрепа на оваа антимакедонска пропаганда, стои Венко Филипче и неговата скриена за јавноста позиција, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања“, кажа Лефков.
Според него, „целта на целиот напад и акцијата е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари“.
„СДС се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата. Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, рече пратеникот Лефков.