Доцнење на прегледи, на резултати, скопјани со најмногу поплаки за здравството – Алиу ветува дека ќе го слуша гласот на народот

Макфакс

16/07/2025

14:55

118

Големина на фонт

а а а

Тоа што денес сакам да го најавам не е само уште една програма, туку системска трансформација, од здравствен систем кој досега реагираше со доцнење, кон систем што превенира, се подготвува и дејствува навремено, истакна министерот за здравство Азир Алиу.

Министерството за здравство, соопшти тој, почна со националната програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем, како што кажа, прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика на справување со ризици, дефинирањена стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствени и безбедносни институции.

Со оваа платформа, според него, се јакне издржливоста на системот и се прави чекор напред кон интегрирана здравствена безбедност.

„Започнавме темелно ажурирање на националниот акциски план за здравствена безбедност, со вклучување на лекциите од пандемијата, во согласност со стандардите на СЗО и ЕУ и зајакнување на законската рамка за меѓусекторска координација.

Ова е јасна политичка порака – здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем кој реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори, нашата држава прави пресврт – од реактивен кон проактивен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана.

Веруваме дека здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена. А реформите што ги започнуваме се најдобрата инвестиција во нивната заштита. Но, за еден здравствен систем да биде навистина отпорен, реформите мора да се надополнат и со реални, капитални инвестиции“.

Затоа, додаде тој, Министерството за здравство започнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и Кичево.

Овие проекти, според неговите најави, се темел за подостоинствен третман на пациентите и подобри услови за медицинскиот персонал.

„Во рамки на новата логика што ја градиме во здравството, логика на транспарентност и отчетност – веќе активно функционира Алатката за пријавување неправилности, преку која граѓаните можат директно да пријават проблеми во системот. Досега регистрирани се 90 пријави, најмногу од Скопје, а најчести се поплаките за доцнење на резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и приватниот сектор. Но најважно е што овие пријави и претставки не остануваат во фиока – секоја се разгледува од посебна работна група, со цел да има институционална реакција. Ова е јасната политичка порака: времето кога здравствените проблеми се игнорираа заврши. Сега граѓаните имаат глас – и тој глас ќе се слуша“, ветува Алиу.

Потсети и на направените измени на Законот за здравствена заштита.

Како што подвлече, создавањето семејство не смее да биде луксуз, туку право.

„Затоа ја тргнавме административната бариера, го удвоивме бројот на поддржани обиди за ин витро од 3 на 6 и ја дигитализиравме постапката, а времето за одобрување е скратено на само две недели. Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и започнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани“.