Пристигнувањето на Чаби Алонсо донесе промена во формацијата на Реал Мадрид и тоа добро можеше да се забележи на Светското клупско првенство, натпреварување кое послужи како добар пример за новиот тренер да се увери во силите со кои располага во овој момент.
Доскорашниот тренер на Баер Леверкузен доби први импресии за фудбалерите и од првите неколку недели може да се заклучи дека одредени играчи ќе имаат потешкотии да се најдат во стартната постава, а таков дефинитивно е случајот со Дани Себалјос.
Шпанскиот играч за врска не се вклопува баш идеално во иницијалните идеи кои ги има Чаби за тоа како треба да изгледаат почетните 11, па во такви услови, се повеќе се зголемуваат шансите за заминување на Себалјос.
Дани во моментов го користи годишниот одмор и се уште нема остварено завршен разговор со Чаби Алонсо, но не исклучува можност да се се врати онаму кадешто ја започна авантурата, а тоа е матичниот Реал Бетис.
– Сега сум на одмор после долгата и напорна сезона. Сè е во ред, важно е да имам информации за мојата иднина, но ќе разговараме за тоа за неколку недели.
– Бетис секогаш бил мој дом и ќе остане мој дом. Се надевам дека секогаш ќе ми бидат отворени вратите во Бетис. Не сум зборувал со нив, но отворен сум на сè, – изјави Себалјос.