Алијанса за Албанците: Цените на храната, енергијата, здравствените услуги се драстично зголемени, граѓаните ја плаќаат цената на економската криза

Макфакс

15/07/2025

14:20

108

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Форумот на жени при Алијансата за Албанците, Елфете Исмаили, на денешната прес-конференција одржана во седиштето на АА во Скопје, упати сериозни критики за влошената економска состојба во земјата, нагласувајќи дека владата не презела ниту една мерка за да го запре осиромашувањето на граѓаните.

„Владата доживеа неуспех, а граѓаните се тие што ја плаќаат цената на економската криза. Растот на цените најмногу ги погодува најранливите слоеви на општеството, а од извршната власт не се гледа ниту еден конкретен план за поддршка на граѓаните,“ изјави Исмаили.

Таа потенцираше дека инфлацијата пријавена за месец јуни изнесува 4,5%, но реалната состојба на теренот е многу полоша.

„Цените на храната, енергијата, здравствените услуги и облеката се зголемени драстично. Овие не се само проценти на табели – тоа се реални трошоци што тешко ги издржуваат граѓаните, чиишто куповни можности секојдневно се намалуваат.“

Според неа, додека соседните земји преземаат активни мерки, како намалување на ДДВ за основните производи или директна помош за семејствата во ризик, нашата влада троши за луксуз.

„Во ек на криза, Владата на Северна Македонија планира да потроши 1,8 милиони евра од буџетот за EXPO Белград 2027 – за логоа, столици, сместување и промоции. Ова е навреда за граѓаните што едвај преживуваат.“

Исмаили рече дека граѓаните се напуштени, а владините политики целосно одвоени од социјалната реалност.

„Инфлацијата е скриен данок кој најмногу ги погодува оние кои имаат најмалку. Младите си заминуваат од државата разочарани и без перспектива, додека пензионерите веќе не можат да си дозволат пристоен живот. Ова е спирала што нè влече сите надолу.“

Алијансата за Албанците предлага итни и конкретни мерки, меѓу кои: намалување на ДДВ за основни прехранбени производи и здравствени услуги; Субвенции за најпогодените слоеви од инфлацијата; Поддршка за домашните производители, за да се спречи поскапувањето на увозните стоки;

Воведување механизми за контрола на цените и забрана за шпекулации на пазарот;

Одговорност од Владата за економскиот неуспех и злоупотребата на јавните средства.

„Алијансата за Албанците нема да молчи. Ќе го кренеме гласот за достоинството на граѓаните и за политики што го ставаат граѓанинот во центарот на државата, а не интересите на мала привилегирана елита што живее во луксуз.“