Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување активности за основање Мултифункционален научно-технолошки парк, со цел поттикнување на постојан економски раст преку инкорпорирање на знаење, иновации и современи технологии за создавање производи и услуги со висока додадена вредност, конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Според извршените анализи, како најсоодветна локација за реализација на проектот е идентификуван техничкиот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој нуди интеграција со академската средина, услови за трансфер и комерцијализација на знаење, добра инфраструктурна поврзаност (патна, железничка, автопатска и аеродромска), како и потенцијал за привлекување компании, инвеститори и стартапи.
Планирано е паркот да се состои од една или повеќе згради со современа електрична и телекомуникациска инфраструктура, како и флексибилен и ефикасен работен простор, со цел да се создаде регионален центар за иновации, развој и вмрежување.
Дополнително, Владата, а на предлог на Министерството за транспорт, ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување со реализација на неколку улици во Општина Гевгелија, и тоа: Реконструкција на главна улица во с. Моин, реконструкција на улица „Атанас Ѓуров“ во с. Прдејци и реконструкција на улица „Иван Марков Братот“ Богородица, како и проектот: Изградба на водоснабдителен систем во с. Љубанци и с. Љуботен во Општина Бутел.