[ВИДЕО] Мицкоски: Напорно работиме за да изградиме систем кој не зависи од партиски книшки, туку од правда

Макфакс

14/07/2025

13:12

691

Големина на фонт

а а а

За една година со напорна работа, визија и домаќински пристап ја враќаме државата на нозе, дел по дел, институција по институција, систем по систем. Граѓаните го препознаваат новиот пристап. Знаат дека не ветуваме чуда, дека напорно работиме секој ден за да изградиме систем кој не зависи од партиски книшки, туку од правда, отчетност и еднаквост, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот „Една година резултати“ во чии рамки Царинската управа дава отчетност за сработеното во изминатата една година.

„Во текот на изминатата година, наплатени се приходи, како што кажа и директорот во висина од над две милијарди евра, а тоа се 105 милиони евра повеќе отколку во истиот период претходно. Тоа не е случајно. Тоа е резултат на принципиелна работа, на раководење без калкулации, на борба со сивата економија и корупцијата, и на јасна политичка определба – парите да одат кај граѓаните, а не во нечии џебови.

Затоа, денес растат приходите од царина како што кажа и директорот за 15,2 проценти, од акцизата растат за 7,1 процент итн.

Знаеме што значат овие бројки – тоа значи повеќе за пензии, за плати, за болници, училишта, патишта и за иднината на нашите деца. Тие пари до вчера завршуваа во сивата економија. Денес се враќаат кај народот.

Но се отвори и борба против сивата економија и криминалот, а за тоа говорат и бројките кои се споменаа дека до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за организиран криминал, поднесени се 181 кривична пријава. Тоа е речиси четири и пол пати повеќе во однос на годината претходно. Тоа е сигнал дека институциите конечно работат. Не затвораат очи, туку дејствуваат.

Ова не се само бројки. Ова е доказ дека Македонија се буди, дека системот конечно проработува. Ова е потврда дека ги градиме темелите на променит“, изјави Мицкоски.

Мицкоски: Преговараме за локации за инвестиции во проекти како гасни централи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, во врска со меморандумот, со „Казанџи груп“, за изградба на гасните централи, како и тоа дали се знае локацијата и колку ќе чини инвестицијата, рече дека очекува да ги прецизираат локациите и дека процесот на преговори ќе продолжи.

„Дополнително, ќе продолжиме со преговорите, и очекувам да ги прецизираме локациите. Во игра се неколку локации – во Скопје се неколку локации во оптек, исто така и Куманово е во потег, Тетово, Гостивар, поголемите градски средини. Нормално, тука се исто така и останатите, имајќи предвид дека Битола, веќе ќе се затвори проблемот со затоплување, бидејќи се завршува проектот за топлификација од РЕК Битола“, објасни премиерот.


За инвестирање во ваков тип на проекти премиерот најави дека Владата, е веќе во преговори со уште неколку странски инвеститори.

„Ни останува Прилеп, ни останува Велес, ни останува Штип, ни останува Струмица, Кавадарци итн. Да, да не ми замерат останатите кои што нема да ги споменам. Но, покрај „Казанџи“, веќе сме во преговори со уште неколку други потенцијални инвеститори за инвестирање во ваков тип на проекти“, информираше премиерот.

До крајот на август ќе бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид, целосно во употреба во ’27 година

За околу месец и пол премиерот Христијан Мицкоски очекува во употреба да бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево- Охрид. Со нив и со делот кој викендов беше пуштен во употреба, Мицкоски вели дека ќе има 34-35 километри автопатско решение, а останатите до 57 километри колку што има вкупно делницата Кичево-Охрид, ќе бидат пуштени во употреба најдоцна во првиот квартал од 2027 година оти треба да се санираат свлечиштата.

„Се привршува секцијата од Климештани до Охрид. Тоа се исто така 17-18 километри кои очекувам до крајот на месец август да бидат пуштени во функција со што од вкупната делница од 57 километри до крајот на август 34-35 ќе бидат автопатско решение. Минус се оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево кои очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година или почеток на 2027 година. Еве нека биде најдоцна првиот квартал од 2027 година“, рече премиерот Мицкоски денес на отчетот за сработеното оваа година на Царинската управа.


Дополнително треба да се заврши делницата од Врбјани до Кичево која е долга 17 километри и има 10 свлечишта. Премиерот Мицкоски вели дека проектите за стабилизирање на свлечиштата се готови и очекува во август да почне да се работи на нив, а целосно да бидат завршени на крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година.

Во истиот период премиерот вели дека ќе се работи и на свлечиштата на петте километри од автопатот кај Ботун за кои смета дека се попредизвикувачки, но и за нив проектите се готови.

Премиерот Мицкоски најави дека ќе се зголеми и кредитот за доизградба на автопатот Кичево – Охрид.

„За сето ова за кое што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот бидејќи за жал тоа не било предвидено во минатото“, рече премиерот без да прецизира за колку ќе се зголеми кредитот.

Според јавно достапните податоци, изградбата на автопатот Кичево Охрид досега чини 598 милиони евра, место првично планираните 374 милиони евра. Изградбата почна во мај 2014 година, а во јануари 2014 година беше склучен договорот за заем помеѓу банка на НР Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.