Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави новиот безбедносен план со кој ѝ се заканува на Русија со сериозни секундарни царини, доколку во рок од 50 дена не прифати договор за завршување на војната во Украина.
Зборувајќи од Белата куќа заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп изјави дека е „многу незадоволен“ од однесувањето на Москва и порача: „Ако не дојде до договор, ќе воведеме царини од околу 100 проценти.“
Истовремено, најави испорака на оружје вредно милијарди долари за Украина. Станува збор за модел според кој САД го произведува оружјето, земјите-членки на НАТО го откупуваат, а потоа ѝ го проследуваат на Украина. „Тоа е сосема логично“, рече Трамп, потенцирајќи дека Украина добива оружје, а САД остварува профит.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека ова е „навистина голема работа“, додавајќи дека новиот аранжман ѝ овозможува на Украина да ја одржи својата одбрана од Русија.
„Украина сега ќе може да добие огромни количества воена опрема – од противвоздушна одбрана до ракети и муниција“, рече Руте, нагласувајќи дека Европа со ова јасно се поставува како одговорен партнер.
„Европејците ја преземаат својата одговорност“, додаде тој, нарекувајќи ја одлуката на Трамп „историска“.
Трамп, во истото обраќање, изјави дека руската инвазија во 2022 година можела да се спречи:
„Сè тоа е приказна сè додека ракетите не тргнат кон Киев. Тоа мора да престане.“
Тој повтори дека лично го предупредувал рускиот претседател Владимир Путин повеќе пати, и порача дека сега нема повеќе одложувања – Украина ќе добие оружје, а Русија, ако одбие мир – ќе добие царини.