Љубовен пар од Канада, Бред Скваерс и Анита Моран, пред 13 години напишале љубовно писмо во шише и го фрлиле во морето, никогаш не помислувајќи дека некогаш ќе биде пронајдено.
Фрлено во водата на островот Бел, шишето стигнало до западниот брег на Ирска каде што било пронајдено по 13 години.
„Тоа беше момент на чиста радост. Отпорноста на тоа стаклено шише и фактот дека стигна директно на нашата плажа по сите овие години е импресивен за нас“, рече Марта Фарел, претседателка на Здружението чии членови го пронашле шишето.
Користејќи ја моќта на социјалните мрежи, членовите на Здружението од Ирска го пронашле љубовниот пар кој сега е во брак и има три деца.
„Пораката од писмото беше долга само два или три реда. Беше како мала тајна меѓу нив, но сега им донесе толку многу радост на многумина луѓе“, изјави Фарел за „NBC News“.
Според Скваерс, изгледало невозможно некој да ја пронајде пораката што нејзиниот партнер ја фрлил во океанот.
„За да се случат сите овие работи, се чини како невозможен подвиг за тоа мало шишенце, но беше доста отпорно“, рече таа.
Во времето кога го фрлиле љубовното писмо во морето, двојката била во врска на далечина една година, при што Бред бил полицаец во Британска Колумбија, а Анита медицинска сестра во Њуфаундленд.
Скваерс и Моран се венчале во 2016 година и живеат во Њуфаундленд. Сега имаат три деца, 19-годишната Али, 16-годишниот Гејб и 5-годишниот Харисон.