Тошковски: Пожарите можеби се дел од поинакво сценарио, истрагите за подметнувања се во тек

Макфакс

09/07/2025

20:14

265

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека денеска бил тежок ден со вкупно 20 пожари ставени под контрола, а постојат основани сомневања дека дел од нив биле подметнати.

„Се дадоа натчовечки напори. За повеќето пожари причина беа временските услови и силниот ветер, но имаме сериозни индиции дека човечки фактор стои зад нивното распламтување“, рече Тошковски во денешното обраќање по состанокот на Кризниот штаб.

Министерот посочи дека се истражуваат неколку случаи на пожари во близина на клучни инфраструктурни објекти, патишта, густо населени места и приватни објекти.

„Не сакам да шпекулирам, но можно е да се работи за поинакво сценарио од случајност“, истакна Тошковски, додавајќи дека институциите работат на терен и се надева на брзо расветлување на причините.

Вчера, како што информираше Тошковски, било затекнато едно лице како намерно пали пожар. Истото било приведено, изнесено пред судија и му е изречена најстрога мерка.

Во врска со пожарот кај приватниот отпад во Визбегово, денес се приведени сопствениците на објектот и ќе бидат изнесени пред судија.

Пожарите во Дојран, Николиќ, Паланка, Волково и Визбегово се ставени под контрола. Активиран е и механизмот за европска помош, при што Грција учествува со два канадери и два пешадиски тимови. Тошковски информира дека сите владини институции се мобилизирани.