Во Северна Македонија гледаме многу странско влијание. Мора да се бориме против него, без разлика дали е српско, кинеско или руско.
Ова го изјави известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, во Стразбур, објави БГНЕС. За неговиот извештај ќе се гласа на 9 јули.
Тој нагласи дека извештајот го содржи условот за промена на Уставот и конкретно, вклучување на Бугарите во него, според написите на медиумот.
„Извештајот посочува говор на омраза, потреба од владеење на правото и борба против корупцијата“, вели Вајц, повикувајќи на слобода на медиумите и јасна одговорност за нивната сопственост.
Комесарката на ЕУ за проширување, Марта Кос, од своја страна, рече дека „единствениот пат напред – пред сè – е промена на Уставот“. Таа го повика Скопјe да ги почитува основните права, слободата на изразување и слободата на медиумите.
Ивајло Валчев (ИТН-ЕКР) ги праша своите колеги: „Во која земја може да се осуди лице за цитирање историски личности? Во која земја се напаѓаат луѓе поради нивното потекло? И која земја си дозволува да ги погази меѓународните договори?“
„Денес, Љубчо Георгиевски е со нас во салата и може да одговори на овие прашања затоа што е достоен Бугарин на кого му се заканува казна само затоа што има храброст да се нарече Бугарин од Македонија. Искрено верувам дека патот на РСМ е да биде дел од Европа, но властите таму мора да ги напуштат своите господари од Белград и Будимпешта и да ги заштитат човековите права, да ги почитуваат обврските што ги презеле“, додаде Валчев. Тој се обрати и до граѓаните во Северна Македонија: „Мицкоски ве лаже“, објави медиумот.
Андреј Ковачев од ГЕРБ/ЕПП рече дека политичарите во Скопјe го саботираат процесот на европска интеграција и Европската Унија не треба да затвора очи пред ова.
„Наместо реформи и вистински напредок, гледаме популизам, националистичка реторика и погодно претставување на Бугарија како непријател, поради што европската интеграција на земјата не оди добро. Оваа политика води кон директни репресии врз луѓето кои го зачувале својот бугарски идентитет – наследниците на мнозинството македонски Бугари. Тие се подложени на притисок, дискриминација и отворени закани, како во случајот со г-дин Георгиевски – еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница“, забележа тој. „Не губете го времето на вашите сопствени граѓани“, им се обрати Ковачев на политичарите во Северна Македонија. „Се надевам дека зората на слободата ќе изгрее час порано“, додаде тој, пренесува бугарскиот медиум.