Макелеле: ПСЖ ќе ја освоеше титулата во ЛШ со Мбапе во тимот

Дерби

08/07/2025

14:15

572

Големина на фонт

а а а

Клод Макелеле своевремено важеше за најдобар дефанзивен играч за врска и ги бранеше боите на елитни клубови како Реал Мадрид и Челси, но интересно кариерата ја заврши во ПСЖ.

Поранешниот француски репрезентативец ја фати првата фаза од ерата на Катарците во Париз, но после 14 години чекање, клубот го оствари она што најмногу ја посакуваше, односно ја дочека првата и историска титула во Лигата на шампиони.

Диригент на оркестарот беше Луис Енрике кој создаде неверојатна хемија во неговиот тим, а медиумите му препишаа уште поголеми заслуги бидејќи го освои трофејот во отсуство на големи ѕвезди како Меси, Нејмар и Мбапе.

Килијан беше последниот кој си замина од Париз, па токму поради тоа наиде и на голем сеир во ситуација кога ПСЖ ја освои титулата против Интер на крајот на месец мај.

Макелеле е уверен дека сценариото ќе било исто ако Мбапе останел како главен голгетер во тимот на „светците“, но од друга страна, потенцира дека Килијан ќе има уште многу шанси да ја освои титулата како член на Реал во наредните неколку години.

– Сигурен сум дека ПСЖ ќе ја освоеше Лигата на шампиони и со Мбапе во тимот. Овој проект на ПСЖ е поинаков, се игра тимски и затоа му беше дозволено заминување на Мбапе. Тој си замина поради тоа што негова желба беше да заигра за Реал. Кога добиваш повик од Реал, не се кажува „не“. Мбапе е еден од најдобрите напаѓачи во светот и ќе има нови шанси за титулата во ЛШ, – вели Макелеле, кој смета дека годинава „Златната топка“ треба да замине во рацете на Усман Дембеле.

– Според мене, „Златната топка“ треба да заврши кај Дембеле. Ламин се уште има многу време и треба да покаже работи на подолг рок. Усман започна порано од него и треба да добие награда за тоа што го направи. Ламин ќе има време да покаже уште повеќе, треба да го оставиме да расте, а не да го масакрираме со изјави и награди, – смета Французинот.