Реката Сена повторно е отворена за капачи во Париз во саботата, по првпат од 1923 година, со што официјално заврши вековната забрана за капење во прочуената река, јавува Анадолија.
Отворањето на капалиштата, кои ќе бидат бесплатни за граѓаните и туристите до 31 август, е резултат на повеќегодишен проект за чистење на реката, кој доби силна институционална поддршка во пресрет на Олимписките игри 2024 во Париз. Рано наутро, неколку десетици луѓе од сите возрасти се собраа на локацијата Брас Мари, една од трите нови капалишта отворени ова лето во Париз.
Капењето во Сена се смета за едно од наследствата на Летните олимписки игри во Париз, каде што натпреварувачите во триатлон и пливачите на отворено настапуваа токму во нејзините води, кои претходно беа темелно исчистени.
Три зони за капење
На располагање на граѓаните и посетителите се три зони за капење, вклучително и една во близина на Ајфеловата кула, опремени со соблекувални, тушеви и плажен мобилијар, а капацитетот на секоја зона изнесува од 150 до 300 лица.
Префектот на регионот Ил-де-Франс, Марк Гијом, изјави дека квалитетот на водата е исклучителен.
„Го следиме присуството на бактериите ешерихија коли и ентерококи. Кај едната сме десет пати под дозволените граници, а кај другата повеќе од 25 пати“, изјави тој.
Сепак, властите предупредуваат на можни ризици, вклучувајќи силни струи, сообраќај на чамци и просечна длабочина на реката од 3,5 метри. Капењето надвор од означените зони е забрането, а со нов декрет се воведени и парични казни за прекршителите. Спасувачите ја проценуваат способноста на пливачите пред да им дозволат самостоен влез во водата.
Укинувањето на забраната било ветено уште во 1988 година
Ветувањето за укинување на забраната за капење датира уште од 1988 година, кога тогашниот градоначалник на Париз и идниот претседател Жак Ширак за првпат јавно ја поддржа таа идеја. Актуелниот претседател Емануел Макрон по повод отворањето напиша на мрежата X дека „сонoт на еден од моите претходници конечно се оствари“, оценувајќи го овој момент како резултат на заеднички напор и причина за национална гордост.
L’un de mes prédécesseurs, alors Maire de Paris, a rêvé d’une Seine où chacun pourrait nager. Demain sa promesse sera tenue.
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) July 4, 2025
C’est un héritage des Jeux olympiques et paralympiques de Paris après 100 ans d’interdiction, un travail collectif, une fierté pour le pays.
Merci… pic.twitter.com/KhymFPgIy1
За подобрување на квалитетот на водата во Сена беа вложени околу 1,4 милијарди евра. Во пресрет на отворањето, Париз беше погоден од топлотен бран, а капењето се дозволува исклучиво кога тоа го дозволуваат временските услови. Доколку падне дожд, капалиштата се затвораат наредниот ден поради можност од загадување, со оглед на тоа што парискиот канализациски систем од 19. век често се прелева во реката.