На 400 невработени Владата ќе им плати по 24.000 денари ако се пријават за помош во гаснењето пожари, најдобрите ќе добијат и вработување

Макфакс

07/07/2025

14:13

1.786

Големина на фонт

а а а

Владата ги повика невработените да се пријават на огласи што ќе ги распишат општините за помош во справувањето со пожарите. Ќе добиваат месечен надоместок од 24.000 денари, а оние што ќе се покажат како најдобри, ќе добијат и вработувања. Повикот до невработените е нова мерка на Владата опфатена со оперативниот план за вработување, која првпат се спроведува кај нас.

„Наместо да дејствуваме несинхронизирано и откога штетите се веќе направени, денес почнуваме со процес на навремена подготовка, превенција и мобилизација на ресурси и луѓе. Мерката предвидува вклучување 400 невработени лица, кои ќе бидат ангажирани за извршување јавни работи, со фокус на создавање противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари. Секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24.000 денари. Сите оние што ќе покажат особен интерес, посветеност и висока подготвеност, по завршувањето на оваа мерка, ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите што се надлежни за оваа работа“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.

Владата смета дека мерката има двоен ефект – еколошки и социјален – оти обезбедува приход и вклучување невработени лица, а во исто време се гради функционален и одржлив систем за заштита од пожари. Предвидено е да бидат опфатени 14 општини, односно сите општини во кои има противпожарни единици, со исклучок на Кочани и Струмица, кои не се пријавиле за мерката.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, ги повика сите граѓани, „особено оние што бараат работа со малку поголем предизвик и кои истовремено сакаат да ѝ помогнат на татковината да се справи со пожарите што претстојат“ да се пријават на огласите што ќе бидат распишани од страна на општините. Ангелов рече дека лицата што ќе се пријават во Скопје на огласите на Општина Кисела Вода се очекува бројката да биде меѓу 80 и 100, ќе бидат распоредени во тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување. Предвидено е да поминат кратка обука, а потоа од најдобрите ќе бидат избрани неколкумина за новата специјална единица за заштита и спасување.

„Можеби сумата на прв поглед не е примамлива, но сите оние што ќе се пријават на овој оглас на територијата на целата држава и ќе покажат особен успех во справувањето со пожарите, ќе имаат можност професионално да бидат вработени во некоја од територијалните противпожарни единици во државата. За жал, две општини не се пријавија на овој оглас, општините Кочани и Струмица, и бројките што беа предвидени за овие две општини, најверојатно, ќе бидат распоредени во другите. Оние што ќе се јават на овој оглас треба да бидат психофизички здрави, верувам дека сите тоа го знаат, но дополнително ќе утврдиме на кој начин ќе биде проверена и физичката подготвеност на овие луѓе бидејќи луѓе што имаат хронични болести, срцеви заболувања, луѓе што имаат проблем со шеќерот, не е добро да се пријавуваат на вакви огласи“, рече директорот Ангелов.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Дивна Перишиќ, смета дека со овие вработувања малку ќе се доближиме до неопходната бројка на пожарникари, која е над 1.500. Сега, според податоците што ЗЕЛС ги прибира, бројката на вработени пожарникари е меѓу 700 и 800 во целата држава. Со 400 нови вработувања ќе се реши половина од проблемот, а другата половина Перишиќ најави дека ќе се обидат да ја решат со изработка на нов закон за заштита од пожари, во чија изработка ќе учествува и ЗЕЛС.