Лондонските паркови порано биле мирни места каде што семејствата се собирале за дружење, децата си играле, паровите шетале во романтична атмосфера, а вработените уживале во паузите за ручек.
Меѓутоа, лондонските паркови сега се погодени од бран криминал и насилство што ги претвора овие зелени оази во опасни зони, бидејќи стравот од напади со нож, кражби и насилство расте, пишува Дејли Мејл.
Бројот на кривични дела регистрирани во парковите управувани од организацијата „Ројал паркс“, која надгледува 5.000 хектари зелени површини, вклучувајќи ги Хајд Парк и Риџентс Парк, речиси се дуплирал во последните две години.
Во најновиот извештај за 2023/24 година, биле регистрирани 101 инциденти на „кривично дело или оштетување на имот“, во споредба со 76 во 2022/23 година, 55 во 2021/22 година и 44 во 2020/21 година.
Сексуални напади, кражби на мобилни телефони и трговија со дрога се меѓу најчесто пријавуваните прекршоци, додека велосипедистите пријавиле дека биле нападнати и дека им биле украдени скапите велосипеди.
Се стравува дека ситуацијата би можела да се влоши откако специјалната полициска единица задолжена за кралските паркови била укината како дел од мерките за штедење на лондонската полиција објавени во април. Полицајците сега се префрлени во локалните соседски тимови.
Метрополитенската полиција во 2024 година регистрирала неверојатни 16.789 кривични дела поврзани со сечила, што е еквивалентно на речиси еден напад на секои половина час, според бројките од Канцеларијата за национална статистика.
Само минатиот понеделник, шокантни снимки од камери прикажуваат напаѓач како вади огромен кујнски нож и се заканува на девојка во паркот Гладстон во Долис Хил. Но, тоа е само еден пример за опасностите што сега демнат во лондонските паркови.
Хајд Парк
Најпосетуваниот кралски парк во Лондон, познат по настани како што се манифестациите „Winter Wonderland“ и концертите „British Summer Time“. Сепак, некои од 13-те милиони годишни посетители биле сведоци на застрашувачки злосторства.
Оваа недела, една жена ја одбранила својата чанта од напаѓач на електричен велосипед кој се обидел да ја ограби. На снимката може да се види како напаѓачот се обидел да ѝ ја украде чантата, но таа се спротивставила, а тој избегал.
Во јуни 2021 година, сведоци гледале како бандити вооружени со мачети бркаат маж низ парк и на крајот брутално го напаѓаат. На снимката може да се слушне жена која врескала: „Исечен е! Нож! О, боже!“. Потоа еден од напаѓачите ја пробол жртвата во стомакот.
Во април 2019 година, за време на прославата на „420“ (денови на консумирање канабис) избувнале судири во „гангстерски стил“, кои завршиле со крвопролевање. Еден маж бил избоден со нож и однесен во болница, а за среќа неговата состојба не била опасна по живот.
Парк Риџентс
Овој парк бил отворен во 1835 година и исто така бил место на напади со нож и грабежи.
Во февруари оваа година, на велосипедистот Патрик Конели велосипедот вреден 4.200 фунти му бил украден со чекан. За време на неговото утринско возење, двајца мажи на скутер му се приближиле, едниот слегол и извикал: „Дајте ми го тој е**н велосипед!“ Потоа замавнал со чеканот и го однел велосипедот.
Велосипедистите барале повеќе патроли во раните утрински часови, на што полицијата одговорила со зголемување на бројот на униформирани и цивилни патроли.
Парк Гледстоун
Напаѓач со огромен кујнски нож ѝ се приближил на девојка и замавнал со истиот пред нејзиното лице додека случајните минувачи врескале. Девојката успеала да избега, а напаѓачот продолжил да им се заканува на другите.
Полицијата реагирала откако видеото станало вирално на социјалните мрежи, но лицето од видеото не било пронајдено, а за среќа немало повредени ниту уапсени.
Парк Пенифилдс
Во март, еден маж бил брутално нападнат од банда со мачети и секира. Видеото прикажува тројца мажи како го напаѓаат среде бел ден, додека еден од нив носи секира во раката.
Полицијата пронашла момче со убодни рани, кое било однесено во болница и неговиот живот не бил загрозен.
Парк Фрајент Кантри
Во овој парк на Вембли во 2020 година, две сестри – Никол Смолман (27) и Биба Хенри (46) биле брутално убиени за време на прослава на роденден. Тие биле убиени од страна на тогаш 19-годишниот Денџал Хусеин, воден од „сатанистички крвен завет“.
Подоцна се дознало дека двајца полицајци, Дениз Џефер и Џејми Луис, ги фотографирале телата и ги споделиле фотографиите Вацап групи. Тие беа осудени на по две години и девет месеци затвор за злоупотреба на службена положба.
Оваа серија инциденти укажува на сериозно влошување на безбедноста во некои од најпознатите и најпосетуваните паркови во Лондон, а со тоа и во Европа.