Судот ги прогласи царините за незаконски, но Трамп тврди дека остануваат во сила

Макфакс

30/08/2025

11:13

298

Големина на фонт

а а а

Американски апелациски суд во Вашингтон пресуди дека поголемиот дел од царините што претседателот Доналд Трамп ги воведе во текот на својот втор мандат се незаконски.

Судот се занимаваше со законитоста на т.н. „реципрочни“ царини кои Трамп ги воведе во февруари против Кина, Канада и Мексико, а во април и кон повеќето други земји ширум светот. Одлуката не се однесува на царините воведени врз основа на други законски овластувања, како што се царините за увоз на челик и алуминиум.

Трамп воведувањето на царините го оправда со Законот за меѓународни вонредни економски овластувања (ИЕЕПА), кој му дава овластувања за справување со „необични и вонредни“ закани за време на национални вонредни состојби. Во април, тој прогласи национална вонредна состојба поради долгогодишниот трговски дефицит, тврдејќи дека увозот надвишува извозот и дека тоа ја поткопува американската индустрија и воената подготвеност.

Апелацискиот суд пресуди во два случаи – еден што го покренаа пет мали американски компании и другиот што го поднесоа 12 американски сојузни држави предводени од демократите. Тие тврдат дека ИЕЕПА не овозможува воведување царини и дека спорното овластување му припаѓа на Конгресот, а не на претседателот.

Други судови, вклучувајќи го и Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк, веќе пресудија дека Трамп ги надминал своите овластувања со воведувањето на царините. Најмалку осум тужби ја оспоруваат царинската политика на Трамп, вклучувајќи и една од Калифорнија.

По пресудата, Трамп преку социјалните мрежи порача дека царините остануваат во сила, и оцени дека Апелацискиот суд бил „високо пристрасен“ и неточен.

„Сите царини остануваат во сила! Денеска еден високо пристрасен Апелациски суд неточно рече дека нашите царини треба да бидат укинати, но тие знаат дека Соединетите Американски Држави на крајот ќе победат“, напиша Трамп.