Владата со бесплатни инвитро процедури и даночни олеснувања во борба против падот на наталитетот

Макфакс

07/07/2025

13:17

1.326

Големина на фонт

а а а

Пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека Македонија повеќе од една деценија се соочува со сериозна фертилитетна рецесија и ја истакна неопходноста од итни чекори, но и промена на начинот на размислување во општеството.

Како дел од предвидените владини мерки, Стаменкоска-Трајкоска зборуваше за шест бесплатни инвитро процедури, стимулација за прво и второ дете, како и даночни олеснувања за мајките.

„Мајката ќе биде ослободена од персонален данок на доход една година за првородено дете, две години за второ родено дете, а за трето и повеќе – секоја година, сè додека првото дете не стане полнолетно“, прецизираше таа.


Рече дека Македонија повеќе од деценија е во фертилитетна рецесија. Повеќе од една деценија бројот на новородени рапидно се намалува, а само за последните четири години Македонија изгуби еден град со големина на Кавадарци.

Според официјалните податоци што ги презентираше, ако во 2016 година биле родени 23.000 деца, во 2024 година бројката паднала на 16.737. Тоа значи дека за само осум години, годишниот број на новородени се намалил за над 9.000.

„Во 2024 година родени се 16.737 дечиња, а починале 20.187 луѓе. Тоа значи дека починале 3.500 луѓе повеќе отколку што се родиле“, предупреди Стаменкоска Трајкоска, додавајќи дека демографските трендови се алармантни.


Таа потсети дека во 1950 година стапката на фертилитет била 5.7, додека денес е 1.5 – што е четири пати помалку. За да постои природен прираст, потребно е стапката на фертилитет да биде најмалку 2.1.

На крајот, подвлече дека политичарите и институциите имаат обврска да ја отворат јавната дебата и да ги поддржат сите напори за зголемување на наталитетот.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера пресече дека нема да се воведе данок за немажените и неженетите, откако претходно ја спомена таа можност, како насока на која Владата размислува. Вчера целосно ја отфрли ваквата идеја, коментирајќи дека целта била да се поттикне јавна дебата.