Легендарниот британски музичар Ози Озборн, познат како Принцот на темнината, го одржа својот последен концерт. Тој и неговите колеги од групата „Black Sabbath“ настапија во Бирмингем.
Ова беше прв пат од 2005 година Озборн, Тони Ајоми, Гизер Батлер и Бил Ворд да ја делат сцената. Повеќе од 40.000 нивни обожаватели се собраа на стадионот Вила Парк.
Инаку во последните пет години Озборн имал седум операции, вклучувајќи ја и четвртата операција на грбот во 2023 година. Тој планира да продолжи да снима песни, но нема да настапува пред публика по концертот во Бирмингем.
„Вашата поддршка нѝ овозможи да живееме неверојатен животен стил. Ви благодарам од дното на моето срце. Ви благодарам за сè, неверојатни сте. Бирмингем засекогаш“, рече Озборн.
Последниот настап беше особено емотивен за него, а ѝ се заблагодари на публиката неколку пати.
„Немате поим како се чувствувам“, рече музичарот. Претходно изјави дека не е сигурен дали ќе седи или ќе стои на концертот. Кога се појави седнат на трон, предизвика воодушевување кај обожавателите.
Се редеа хитовите „Crazy Train“, „Paranoid“, „Sabbath Bloody Sabbath“, „War Pigs“, „Iron Man“ и други. Неговата сопруга Шерон и ќерката Кели исто така присуствувале на концертот.