Ѓекереш урна клупски рекорд во Арсенал уште пред дебито со „14-та“ на грбот

Дерби

30/07/2025

12:14

671

Големина на фонт

а а а

Арсенал после долги преговори го договори Виктор Ѓекереш во трансфер пакет кој може да достигне максимални 64 милиони фунти, а поради тоа што целата операција траеше предолго и се најавуваше со месеци, крајот на истата носи исклучително позитивни бројки за клубот од Северен Лондон уште пред официјалното деби на Швеѓанецот.

Како што јавуваат угледните британски медиуми, Ѓекереш урнал клупски рекорд во Арсенал уште пред да ја шутне првата топка на првиот натпревар, а истиот се однесува на бројот на продадени дресови во првата недела од еден трансфер.

Со оглед на тоа што му беше дадена и легендарната „14-ка“ на Тјери Анри, големи беа очекувањата дека дресот на Ѓекереш ќе предизвика вистинска манија меѓу навивачите на Арсенал, но сега тоа е потврдено со официјални бројки кои велат дека станува збор за рекордна продажба.

Извонредниот голгетер кој досега настапуваше за Спортинг Лисабон доби топол пречек од клубот и од соиграчите, а возбудата меѓу навивачите само покажува дека сите со нетрпение го чекаа неговиот потпис.

Ѓекереш постигна 97 погодоци на 102 одиграни натпревари за Спортинг Лисабон, па јасно е дека сите ќе очекуваат многу голови од него во дресот на Арсенал.