СЗО препорачува зголемување на цените на тутунот, алкохолот и засладените пијалоци за 50%

Макфакс

04/07/2025

07:48

153

Големина на фонт

а а а

Светската здравствена организација (СЗО) ги повикува земјите да ги зголемат даноците на засладените пијалаци, алкохолот и тутунот за 50 проценти во следните 10 години за да се справат со хроничните проблеми со јавното здравје.

Здравствената агенција на Обединетите нации соопшти дека овој потег ќе помогне во намалувањето на потрошувачката на овие производи, кои го зголемуваат ризикот од болести како што се дијабетес и некои видови на рак, и ќе соберат средства во време кога помошта за развој се намалува, а јавниот долг расте.

„Даноците за здравство се едни од најефикасните алатки што ги имаме“, рече Џереми Фарар, помошник генерален директор на СЗО за промоција на здравјето и превенција и контрола на болести. „Време е да се дејствува“, рече тој.

СЗО ја започна иницијативата „3 до 35“ на конференцијата на ОН за финансирање на развојот во Севиља.


Организацијата вели дека нејзината даночна иницијатива би можела да собере 1 трилион долари до 2035 година, врз основа на податоците од здравствените даноци во земји како Колумбија и Јужна Африка. СЗО со децении ги поддржува даноците на тутун и зголемувањето на цените, а во последниве години повикува на даноци на алкохол и шеќерни пијалоци. Ова е прв пат да предложи целни зголемувања на цените за сите три производи.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на конференцијата изјави дека даноците би можеле да им помогнат на владите „да се прилагодат на новата реалност“ и да ги зајакнат своите здравствени системи со собраните пари. Многу земји со ниски и средни приходи се соочуваат со намалување на помошта од Соединетите Американски Држави, кои дури и не присуствуваат на конференцијата во Севиља. Соединетите Американски Држави се исто така во процес на повлекување од Светската здравствена организација.

Иницијативата, на пример, би значела дека владата во земја со среден приход би ги зголемила даноците на одреден производ, така што цената би се зголемила од денешните 4 на 10 долари до 2035 година, земајќи ја предвид инфлацијата, илустрираше економистот на СЗО, Гилермо Сандовал.

Речиси 140 земји веќе ги зголемија даноците на тутун, а со тоа и цените, за повеќе од 50% во просек помеѓу 2012 и 2022 година, додаде организацијата.

Сандовал рече дека СЗО, исто така, разгледува пошироки препораки за оданочување, вклучително и високо преработена храна, откако ќе ја финализира дефиницијата за таа храна во наредните месеци. Но, тој додаде дека очекуваат отпор од вклучените индустрии.