На македонскиот јазик му се заканува бришење од Извештајот на Европскиот парламент. Доколку тоа се случи ќе има само еден виновник – Христијан Мицкоски. Никој друг, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Според неа, Мицкоски свесно ја отворил веќе затворената дебата за македонскиот јазик во ЕУ, со што, како што рече, директно го загрозил она што еднаш било постигнато – признавањето на македонскиот јазик како единствен и автентичен јазик на македонскиот народ во Европската унија.
„Ова не е грешка. Ова е намерен, политички пресметан чекор со кој Мицкоски, воден од теснопартиски интереси и слугување на туѓи држави, повторно ја доведе државата и македонскиот народ во понижувачка ситуација. Мицкоски не може да впери прст кон никого за поразот што Македонија повторно го доживува во Брисел. Токму тој и неговиот пријател Андреј Ковачев, со кого заеднички работат на блокирање на европската перспектива на македонските граѓани, се виновни за ова. Неговата координирана акција со Андреј Ковачев и европратениците од ЕПП резултираше со тоа што денес повторно ни се оспоруваат јазикот и идентитетот. Повторно нè вратија таму каде што веќе бевме поминале – во борба за основни национални права“, рече Кузеска.
Таа додаде дека СДСМ, преку договорот за ФРОНТЕКС и Преговарачката рамка, ја извојувал најчистата победа за македонскиот јазик.
„Договорот Фронтекст е документ потпишан на чист македонски јазик, без фусноти, без придавки, без ѕвездички. Во преговарачката рамка стои јасно македонски јазик. Ова е победа која никој не можеше да ја оспори. Но наместо да ја поддржи, Мицкоски не работи за Македонија“, рече таа.
Кузеска побара од Мицкоски веднаш да се извини пред македонскиот народ и да сноси политичка одговорност за тоа што, како што рече Кузеска, го избришал македонскиот јазик од извештајот на Европскиот парламент.