Тошковски и Кондратович: Одлична соработка на полето на безбедноста, потпишан протокол за реадмисија

Макфакс

01/07/2025

12:42

108

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со делегација на Министерството за внатрешни работи на Литванија, предводена од министерот Владислав Кондратович.

На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу двете министерства и полициите во борбата против организираниот криминал, ситуацијата со илегалната миграција и соработката помеѓу центрите за обука на полициските службеници.

Централен момент на средбата беше потпишувањето на протоколот меѓу двете влади за спроведување на спогодбата за преземање лица што престојуваат без дозвола, кои двајцата министри го потпишаа на средбата.

„Првата и основна причина поради која мојот колега е во Македонија е потпишувањето на протоколот за реадмисија, кој по повеќе години е усогласен како текст и денес официјално го потпишавме. Втора точка на која разговаравме, а ќе биде круцијална за понатамошниот развој за нашата соработка, е потпишување договор за полициска соработка, кој би се фокусирал на борбата против криминалот, организираниот криминал, корупцијата, илегалната миграција. Третата тема на која разговаравме е соработка на центрите за обука во Македонија и во Литванија во однос на професионализација на нашите полициски службеници, размена на знаења и искуства“, образложи министерот Тошковски.

Тошковски потенцира дека Литванија преку министерот Кондратович ја изразува својата поддршка во процесот на евроинтеграциите, со тоа што се вложи со целиот негов тим да бидат на располагање на македонските полициски службеници и на МВР во однос на исполнување на сите услови и критериуми зададени од Европската Унија.

„Ми претставува чест што сум во Скопје и ќе можеме да ја продолжиме нашата соработка. Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји. Двете земји имаат одлична билатерална и мултилатерална соработка, ги делат европските вредности. Денес, зборувавме како да ја унапредиме соработката во областа на внатрешните работи, борбата со криминалот, менаџирањето на границите и миграциите. Со потпишување на договорот за реадмисија ја засилуваме уште повеќе нашата соработка на темата на безбедноста“, потенцира литванскиот министер Кондратович.

Кондратович истакна дека Литванија целосно ја поддржува Македонија на интегративниот пат кон Европската Унија и ја изрази спремноста за помош на европскиот пат, кој на крајот носи огромни бенефити за граѓаните и за функционирањето на институциите и изрази надеж дека заслуженото место на Македонија во ЕУ ќе дојде што побргу.