Sound of Green 2025: Преку 3.000 луѓе го посетија фестивалот и се забавуваа со врвна домашна и странска музика до доцните вечерни часови

Точка

01/07/2025

12:21

136

Големина на фонт

а а а

И покрај тоа што временските услови влијаеа на почетокот на фестивалот, сепак присутните не дозволија тоа да им ја попречи неколкучасовната забава придружена со одлична музика на Sound of Green 2025. Фестивалот кој се одржа минатиот петок (27.06) во Градскиот парк во Скопје обедини домашни и странски артисти кои со нивните настапи ја размрдаа скопската публика и ја натераа да танцува до доцна во ноќта.

Оваа година фестивалот беше од отворен тип и влезот беше целосно бесплатен, но сепак го задржа зелениот еко карактер и Пакомак ги повика сите посетители да понесат со себе пластично шише или лименка како добар пример.


Публиката имаше можност да ужива во настапите на домашните диџеи Charlie, Savic, Janko Petel Javashe, Damage Control, D.I.K. и Flooder, но и за првпат да ги види уникатните полски бендови како HAŃBA!, Klawo, TRUE POLISH TECHNO, VOŁOSI, чии настапи беа овозможени благодарение на Институтот Адам Мицкевич од Варшава. Тука беа и реге мајсторите од соседна Србија – Del Arno Band, кои имаа уште еден незаборавен настап на отворено. За првпат пред македонската публика се претстави и новата R’n’B сензација од Швајцарија, младата пејачка Lakna.

Во текот на целиот ден, фестивалот Sound of Green 2025 го посетија околу 3.000 луѓе, од кои голем дел донесоа по едно пластично шише и поставија добар пример како општествено одговорни граѓани на нашата заедница. Вкупно 139 посетители ја искористија и Повратната вендинг машина на Пакомак поставена во рамките на фестивалот и на тој начин добија гратис бургер или пијачка.


Sound of Green 2025 е поддржан од Друштвото за управување со отпад од пакување Пакомак, а се реализира во партнерство со Институтот Адам Мицкевич од Варшава и е кофинансиран од Министерството за култура и национално наследство на Полска, како дел од интернационалната културна програма на Полското претседателство во Советот на културата на Европската Унија во 2025. Организаторот упати огромна благодарност и до Швајцарската амбасада во Република С. Македонија за неизмерната поддршка за фестивалот.