Трамп: Ги прекинуваме сите трговски преговори со Канада

Макфакс

27/06/2025

20:18

569

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа „Тру Соушал“ дека ги прекинува сите трговски преговори со Канада.

„Штотуку бевме информирани дека Канада — земја со која е многу тешко да се тргува — вклучително и фактот дека со години им наплатува на нашите земјоделци дури 400 проценти царина на млечни производи, штотуку објави дека ќе воведе данок на дигитални услуги за американските технолошки компании, што претставува директен и очигледен напад врз нашата земја.

Очигледно ја копираат Европската Унија, која направи исто и со која сè уште преговараме. Поради оваа бесрамна одлука за данок, ги прекинуваме сите преговори за трговија со Канада, со итно дејство. Канада ќе биде информирана за царините што ќе треба да ги плаќа за работење со САД во рок од следните седум дена. Ви благодарам за вниманието“, напиша Трамп.

Оваа објава следуваше откако Трамп соопшти дека неговиот рок за трговски договори на 9 јули, не е фиксен. Тој им објасни на новинарите дека договор може да се постигне и пред или по тој датум, кога треба повторно да бидат воведени посеопфатни американски царини ако не се постигне договор.

„Можеме да направиме што сакаме. Можеме да го продолжиме рокот. Можеме да го скратиме. Јас би сакал да го скратам. Би сакал само да им испратам писма на сите: Честитки, плаќате 25 проценти“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент претходно нагласи дека трговските договори би можеле да бидат завршени до почетокот на септември.

Американскиот претседател Доналд Трамп прво најави царини од 50 отсто кон ЕУ, кои требаше да стапат на сила на 1 јуни, но тој реши да го продолжи рокот за преговори до 9 јули. Моментално се во сила американски царини од 10 проценти на поголем дел од европската стока и 25 отсто царини на автомобили, челик и алуминиум.

По една недела во која царините беа во втор план поради американскиот напад на иранските нуклеарни постројки и поради огромниот закон за даноци и потрошувачка во Конгресот, трговските преговори на администрацијата на Трамп се забрзаа. САД вчера ѝ испратија нов предлог на Европската Унија, а Индија испрати делегација во Вашингтон за понатамошни разговори.

„Значи, имаме земји што ни се обраќаат со многу добри договори. Имаме 18 важни трговски партнери. Ако можеме да потпишеме договор со 10 или 12 од нив, од 18-те, и ако имаме уште 20 важни односи, мислам дека трговските договори може да се затворат до Денот на трудот“, изјави Бесент за Fox Business Network.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека од американската страна го добиле најновиот предлог за понатамошни преговори за царините, нагласувајќи дека Унијата е подготвена за договор, но и за ситуација во која нема да се постигне задоволувачки договор.

„Го добивме најновиот американски документ за понатамошни преговори, кој сега го разгледуваме. Подготвени сме за договор, а во исто време се подготвуваме и за можноста да не се постигне задоволувачки договор“, изјави фон дер Лајен.

Таа нагласи дека Комисијата во преговорите за царини ќе ги брани европските интереси и дека сите опции „остануваат на маса“.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека ЕУ треба да постигне „брз и едноставен“ трговски договор со САД, а не „бавен и комплициран“, додека францускиот претседател Макрон порача дека неговата земја нема да прифати договор што е нерамнотежен.