Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, непосредно пред локалните избори, во време кога рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ вртоглаво паѓа, а довербата во институциите е сериозно нарушена, МВР тајно започнала процес за нов систем за издавање лични карти.
Последните јавно достапни информации говорат, вели таа, дека веќе е ангажира фирма, без било какво искуство во оваа област.
„Замислете, досега правела студии за отпад и стадиони. Сега треба да направи студија за систем со највисок степен на доверливост – издавање на лични карти и пасоши.
Понатаму, во тендерската документација не се бара безбедносен сертификат за лицата што ќе имаат пристап до податоците. Што е крајно сомнително и несоодветно.
Нема гаранција ниту за заштита на доверливи податоци на државата и граѓаните. Зошто“, прашува Кузеска.
Оценува дека сè ова се прави без транспарентност, далеку од очите на јавноста и крајно сомнително.
„МВРО-ВМРО сака да го централизира целиот систем – од производство до издавање документи – без контрола, без надзор, без јавност, без сертитифакти. Тоа не е модернизација, тоа е рецепт за злоупотреба.
Се поставува прашањето дали ова значи дека повторно се подготвуваат сценаријата како од времето на Никола Груевски, кога МВРО-ВМРО масовно издаваше незаконски лични карти и спроведуваше незаконско гласање“.
Бара итни одговори од Тошковски, зошто се ангажира фирма без релевантно искуство и без безбедносен сертификат.
„Кој може да гарантира дека нема да има масовно издавање нови документи непосредно пред изборите и злоупотреби“.
СДСМ, напоменува таа, ќе остане буден чувар на јавниот интерес и на слободната волја на граѓаните и најави дека ќе ги информираат сите релевантни домашни и меѓународни фактори и ќе се спротивстават на сите обиди за злоупотреби.