Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше воведно обраќање на настанот насловен „Геополитичката слика и проширувањето на Европската Унија: Перспективите на Северна Македонија и другите земји кандидатки од Западен Балкан“, кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Во своето обраќање, Муртезани истакна дека политиката на проширување на ЕУ треба да се сфати како геополитичко прашање кое бара конкретни и решителни чекори, особено во контекст на тековните промени во глобалната рамнотежа и растечката геополитичка конкуренција.
Министерот нагласи дека Северна Македонија останува силно посветена на реформите и европските стандарди и покрај долготрајниот пристапен процес.
Тој рече дека успешното интегрирање на земјите од Западен Балкан е од суштинско значење не само за регионалниот мир, туку и за јакнењето на глобалната кредибилност и единство на Европската Унија.
„Во време на длабоки геополитички промени, дијалозите како денешниот добиваат особено значење. Собрани овде на оваа значајна тркалезна маса, со цел да ја разгледаме геополитичката слика и нејзината поврзаност со процесот на европско проширување, неопходно е да потенцираме дека проширувањето не е само бирократски процес, ниту пак само симболичен чин, тоа е пред сè геополитичко прашање. Денес, Европа се соочува со одлуки кои ги надминуваат традиционалните рамки, барајќи стратешка јасност и обновена решителност“.
Додаде дека во овој поширок контекст, Западен Балкан, а посебно Северна Македонија, претставуваат клучни точки на стабилност и стратешка основа за Европа.
„Европската Унија одамна го промовира проширувањето како стратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Но, реториката мора постојано да се претвора во конкретна акција, особено во услови на засилена геополитичка конкуренција. Патот по кој се движи Северна Македонија ја отсликува и надежта и предизвиците на процесот на
проширување. Нашата земја доследно спроведува сеопфатни реформи во управувањето, владеењето на правото и економската отпорност, усогласувајќи се притоа со највисоките стандарди и очекувања на Унијата. Нашата посветеност останува непоколеблива и покрај повремената внатрешна исцрпеност предизвикана од долгогодишната неизвесност“.
Од друга страна, рече Муртезани, неодлучноста или одложувањето ги откриваат ранливостите, со тоа охрабрувајќи алтернативни геополитички наративи и чинители кои имаат за цел да ги поткопаат европското единство и кохезија.