"Koenigsegg Jesko" е екстравагантен колку што отприлика може да биде еден хиперавтомобил, но изгледа дека шведскиот бренд работи на нешто уште поекстремно.
Изминативе неколку дена, "Koenigsegg" почна да навестува интригантен нов модел, а се шпекулира дека станува збор за мистериозен нов автомобил или унапредена верзија на "Jesko".
Во тизерите, каде што "Koenigsegg" порачува дека „совршенството е подвижна цел“, добиваме кратки погледи кон новиот модел пред неговото деби, кое треба да се случи токму денес. Еден од тизерите прикажува каросерија изработена од изложени карбонски влакна, со нагласен "NACA" канал обележан со бела боја.
Посебен тизер открива дел од предниот лак на тркалото, додека друг покажува надграден заден спојлер со две крила, пренесува "CarScoops".
Фотографијата што открива најмногу го прикажува автомобилот одзади. Може да се забележат слични задни лакови и ретровизори како кај "Jesko", но спојлерот е поразличен од оној кај "Jesko Attack".
Некои шпекулираат дека овој нов автомобил би можел да биде кандидатот на "Koenigsegg" во класата "Le Mans Hypercar", категорија за која Кристијан фон Кенигсег искажа интерес пред неколку години. Сепак, аеродинамичниот дизајн не изгледа доволно радикален за тркачки прототип.