Чупеска: Министерството за правда ја саботира реформската агенда

Макфакс

25/06/2025

12:56

127

Големина на фонт

а а а

Денес сме принудени гласно да алармираме за катастрофалниот застој на реформските процеси во нашата држава. Владата на ДПМНЕ, за жал, не претснува да демонстрира шокантна неподготвеност и целосно отсуство на свест за неопходноста од итно спроведување на реформска агенда, особено кога станува збор за судски реформи – од кои, како што знаеме сите , директно зависи квалитетот на нашиот живот. И, ова не само што го кочи секојдневното живеење, туку и директно ја компромитира нашата европска перспектива, изјави потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.

Таа вели дека СДСМ, како одговорна опозиција, пружила искрена рака за соработка и државнички понудиле конкретна помош и сериозна експертиза за реализација на државните приоритети поврзани со реформскиот процес.

„Тоа, беше потврдено и на лидерската средба на нашиот претседател со премиерот, во април. Но, денес, одговорно тврдам дека наидовме на непробоен ѕид. Сведочиме, имено на недозволив недостаток на одговорност и срамно отсуство на соработка од владините институции, и, особено, сакам да нагласам од Министерството за правда. Оваа, сметаме дека е злонамерна опструкција во однос на пакетот реформски закони, и станува бесрамно видливо. Работната група, која ја предводев по овластување од претседателот Филипче, исклучително и посветено работеше на законите“, вели таа.

Чупеска додава дека се соочиле со перманентна нереспонзивност од Министерството за правда.

„Замислете, бевме упатени сами да ги обезбедуваме нацрт-законите од ЕНЕР, бидејќи Министерството одбиваше директна и суштинска соработка, односно размена на предлозите за кои постојано тврди дека ги разработува. Се прашуваме, дали воопшто постојат такви работни материјали? И покрај ова неприфатливо и подмолно однесување, ние подготвивме и доставивме детални мислења и забелешки за јавно објавените предлози за закони, кои уредно ги архивиравме во Министерството“, рече таа и додаде дека СДСМ има суштински и многу сериозни забелешки за овие решенија.