Посетител во галеријата Уфици во Фиренца оштетил слика од 17 век, откако паднал врз неа додека се фотографирал, соопшти музејот за "CNN".
Инцидентот се случил во саботата, кога посетителот бил во посета на светски познатиот музеј и случајно го оштетил портретот на тосканскиот принц Фердинандо де‘ Медичи, дело на Антон Доменико Габијани, насликан околу 1695 – 1700 година, соопшти музејот во понеделникот, пренесува "CNN".
На широко распространетата снимка од надзорните камери, се гледа човек како позира пред сликата, пред да се навали наназад и потоа нагло да се оддалечи кога сфатил дека ја допрел сликата.
Фотографии што подоцна ги објавија локални медиуми покажуваат оштетување во пределот на глуждот на благородникот на сликата – мала дупка предизвикана од ударот.
Идентитетот на посетителот не е објавен, но тој е пријавен до властите. Во меѓувреме, сликата е отстранета од изложбата за реставрација, иако од музејот информираа дека оштетувањето е „благо“ и дека делото наскоро повторно ќе биде изложено.
Инцидентот го поттикна директорот на галеријата Уфици, Симоне Верде, да издаде соопштение во кое го осуди проблемот со посетители кои „доаѓаат во музеите да прават мимови или селфија за социјални мрежи“.
„Ќе поставиме многу прецизни граници, спречувајќи однесување што не е компатибилно со нашите институции и со почитта кон културното наследство“, додаде Верде во изјава испратена до "CNN".
"CNN" истакнува дека ваквите инциденти – во кои посетители случајно оштетуваат експонати додека се обидуваат да направат совршена фотографија – стануваат сè поголем проблем за музеите.
Минатата недела, столица покриена со кристали, инспирирана од едно од најпознатите дела на Винсент ван Гог, беше сериозно оштетена откако турист седнал на неа додека позирал за фотографија во музеј во Верона.
Во април, дете го оштети огромното дело на Марк Ротко, кое се проценува на десетици милиони долари, за време на посета на музеј во Холандија.