По една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНAM и ВЛЕН, Македонија не изгледа како просперитетна држава со јасна насока – туку како држава со повредено достоинство и разочарани граѓани. Ова го порача Венко Филипче на трибината „Македонија понижена – Една година Влада“.
„Денес, по една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, вистината е болна, но мора јасно и недвосмислено да се каже: Македонија не е горда – Македонија е понижена. Понижени се работниците, понижени се земјоделците, понижени се младите кои се надеваат на својата иднина дома. Една година беше повеќе од доволно време да видиме дека ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со една голема лага. И денес, една година подоцна, граѓаните тоа јасно го гледаат и го зборуваат“, рече Филипче.
Тој истакна дека низ директни средби со граѓани, најчестото нешто што го слушал е дека достоинствен живот не постои без достоинствени плати, без перспектива за младите, и без правен систем кој важи за сите – освен за власта.
„Вистината е болна. А вистината е дека добивме Влада иста каква што граѓаните со револуција ја сменија. Влада која работи за себе и за оние околу себе, а граѓаните ги остава сами. Влада која манипулира и ги лаже дека живеат добро, додека реалноста е тешка и неподнослива“, посочи Филипче.
Тој додаде дека денешната власт демонстрира бесчувствителност, ароганција и тотално отуѓување од потребите на луѓето.