Скопјанец ја истепал 4-годишната ќерка кога се качила на креветот за да ги земе играчките, има набиеница на главата, се бара притвор

Макфакс

22/06/2025

18:26

628

Големина на фонт

а а а

Против 28-годишен скопјанец е поведена постапка за нанесување телесна повреда врз четиригодишната ќерка.

Основното јавно обвинителство Скопје ја иницираше постапката поради основано сомнение дека тој, во семејниот дом во населбата Драчево, при вршење семејно насилство, телесно ја повредил неговата малолетна ќерка родена 2021 година.

Додека мајката на детето приготвувала јадење, тоа си играло со нејзините две сестри. Во еден момент девојчето се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките, поради што осомничениот започнал да ја навредува и да ја удира со шлаканици по лицето, нанесувајќи и телесни повреди – набиеница на главата и огреботини на кожата на лицето. Продолжил и со вербални закани дека ќе ја убие.

Имајќи предвид дека согласно вербалните искази при пријавата на настанот, осомничениот подолго време манифестирал агресивно однесување во семејството, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од повторување на насилството со несомнени последици врз нормалниот психофизички развој и воспитувањето на децата. Исто така, доколку биде пуштен да се брани од слобода, постои опасност од бегство, со цел да ја избегне кривичната одговорност за стореното кривично дело. Од тие причини Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор.