Турција: Длабоко сме загрижени, може да дојде до глобална војна

Макфакс

22/06/2025

14:44

381

Големина на фонт

а а а

Турција предупреди дека американскиот напад врз Иран може да го претвори регионалниот конфликт во глобален, соопшти турското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека Анкара е длабоко загрижена за можните последици по нападот.

Во соопштението за печатот на Министерството се наведува дека не смее да се дозволи ширење на конфликтот во поширока глобална војна и ги повикува сите страни да се однесуваат одговорно и веднаш да ги прекинат нападите.

Министерството го повтори ставот претходно искажан од други земји – дека спорот за иранската нуклеарна програма може да се реши само преку преговори меѓу Техеран и Вашингтон.


САД во раните утрински часови извршија напад врз три ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанц и Исфахан. Ова е најмоќниот напад врз иранската нуклеарна програма досега. Шест стелт-бомбардери B-2 Spirit фрлија вкупно 12 бункерски бомби GBU-57 врз ултра-утврдениот подземен комплекс Фордо, додека американските подморници истрелаа 30 крстаречки ракети врз објектите во Натанц и Исфахан.

Нападот беше опишан како резултат на долгогодишно планирање, со цел уништување на клучните капацитети за збогатување ураниум во Иран.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека објектите се целосно уништени, додека Меѓународната агенција за атомска енергија објави дека нема зголемено ниво на радијација на погодените локации. Иран најави дека ќе се брани од агресијата на САД и го бомбардираше Израел со проектили.